„Се грижам за ЕСМ Дистрибуција како за моето семејство“ – кафе со Петар Милетиќ

Здраво Петар, како си денес? Грејната сезона заврши, полесно ли се дише сега?

Здраво, пријателу! Што се гледаме – ние се знаеме од мали, па ова интервју ми доаѓа ко муабет со другар. Искрено, добро сум. Иако работата не запира, си одвојувам време за она што ми е најважно – моето семејство. Сопругата ми е најголема поддршка во сѐ што правам, а времето поминато со неа, со двете ќерки и со родителите, ми дава сила да продолжам понатаму.

Исто така, многу ми значи што денес имам можност да ја продолжам мисијата на мојот постар брат Сретен. Тој ме научи на вредности – да живеам чесно, скромно и семејно. Тоа секогаш ми бил патоказ во животот, и денес, со сопругата и нашите деца, се трудам токму така да живееме – со почит, љубов и искреност.

Кога дојдовте на чело на ЕСМ Дистрибуција, со што се соочивте на самиот почеток?

Да бидам искрен – затекнавме прилично тешка ситуација. Финансиската состојба беше лоша, компанијата имаше проблем со ликвидноста, и реално – се доведуваше во прашање нормалното функционирање. Имаше непотребни трошоци, процеси што не функционираа како што треба, и договори што само ја оптоваруваа фирмата, а не носеа никаква корист.

Кои беа првите потези што ги презедовте за да ја средите ситуацијата?

Прво направивме детална ревизија – буквално прегледавме сè. Ги сечевме непотребните трошоци, и со сите партнери седнавме на маса да ги преразгледаме договорите. Успеавме да постигнеме многу подобри услови, што директно ја подобри ликвидноста и ја оптимизира работата.

Исто така, имавме и случаи на луѓе кои со години не доаѓале на работа – а сепак земале плата. Тие ситуации ги решивме правно, и тоа ни донесе подобра ефикасност и помали трошоци.

Фото – Мартин Андоновски

Во делот на набавки, направивме големи заштеди – на пример, склучивме нов договор за топлинска енергија со речиси двојно пониска цена од тоа што било порано. А со новиот план за јавни набавки за 2025-та, буџетот го скративме за преку 230 милиони денари – што е рекорд во историјата на претпријатието.

Имате ли направено промени и во човечкиот ресурс – односно кај вработените?

Да, и тоа како. Наместо да ангажираме надворешни и скапи фирми, се свртевме кон луѓето што веќе работат кај нас. Имаме одлични инженери, со многу искуство – кои претходно биле игнорирани. Сега тие се во прв ред и активно придонесуваат. Почнавме да работиме по принцип – кој работи, заслужува. Се знае кој, што и како – со транспарентност и отчетност.

Како ја гледате иднината на ЕСМ Дистрибуција? Дали планирате нови инвестиции и зголемување на инфраструктурата?

Ќе бидам краток и јасен – оваа фирма ја гледам како мој втор дом, а вработените како мое семејство. И затоа се грижам за нив и за претпријатието исто како за мојот дом и моето семејство.

Нашата визија е јасна: сакаме стабилна, модерна и ефикасна ЕСМ Дистрибуција. Планираме сериозни инвестиции во инфраструктурата, со фокус на нови технолошки решенија, дигитализација и подобрување на услугите за граѓаните. Иднината ја гледаме низ призма на развој, одговорност и грижа за секој вработен и секој потрошувач.

Ви благодариме за искреноста и издвоеното време. За крај, пораката до читателите на 365.com.mk?

Ти благодарам и јас за муабетот и убавото кафе. Многу ми значи кога има простор за отворен и искрен разговор. Ќе продолжиме да работиме посветено и чесно, и да градиме стабилно претпријатие во кое сите се чувствуваат сигурно и вреднувано. Благодарност до 365.com.mk за можноста.

 

 

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Scroll to Top